Голем инцидент настанал вчера во СДСМ Ѓорче Петров за време на партиски состанок. Жестоки караници имало меѓу членството на најголемата опозициска партија во оваа скопска населба, кое според извори на Нетпрес во СДСМ, половина барало оваа општинска организација да завземе став на кормилото да се врати Бранко Црвенковски, додека останатите не отстапувале и упорно стоеле зад ставот дека Зоран Заев мора да остане прв човек.
Капак на се’ бил големиот револт на Љубица Буралиева, која беше на четвртото место на листата на СДСМ во втората изборна единица и кое и обезбеди место во парламентот. Нашите извори велат дека Буралиева, во сред жолчната расправија, барала од општинското раководство на партијата да и’ врати околу 10.000 евра, кои таа тврдела дека ги потрошила за потребите на предизборната кампања за парламентарните избори.
Буралиева во гласното викање тврдела дека за да ги подмири сметките за рекламен материјал и други трошоци, подигнала кредит во износ од 10.000 евра, кој сега мора да го врати во банка, а поради одлуката на Зоран Заев пратениците на СДСМ да не ги прифатат мандатите, излегло дека попусто се задолжила. Дополнителен проблем за неа било тоа што нејзиното работно место во Македонската радио телевизија било ставено во мирување, откако Државната изборна комисија и го верифкувала пратеничкиот мандат.
Во жестоката караница и’ било речено дека парите ги бара на погрешно место. И посочиле дека за тој нејзин проблем треба да го бара лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Таа веднаш потоа му свртела на телефон и почнала да се расправа и со него. Според нашите информации од општинската на СДСМ во Ѓорче Петров, Заев по долг телефонски разговор, во кој ја убедувал дека „работите ќе се средат“, успеал да ја смири разјарената Буралиева.