Од денес стартува проектот „Купи куќа за млади“ до 35 години. Барањето за кредит и сите документи, апликантите може да ги достават на шалтерите во осум комерцијални банки.
Службите во специјализираната канцеларија на Министерството за финансии со полни раце работа. Ги советуваа оние кои дојдоа да се информираат.
Меѓу нив е и 26 годишниот Славиша Митовски. Доаѓа од Тетовско, сака да изгради куќа на своја земја, пренесува МРТ.
Дојдов да се распрашам за проектот „Купи куќа за млади“, сакам да видам кои се условите. Имам 26 години, планирам да градам на мое земјиште, вели Славиша, за македонската радио-телевизија.
Во проектот можат да учествуваат млади луѓе до 35 години, со приходи за поединец до 900 евра, или 1.300 евра ако се работи за брачни другари.
Постапката за аплицирање е следна: лицето треба да има плац, а доколку прави надградба или доградба, треба да обезбеди согласност од сопственикот на куќата. За идеен и изведбен проект можат да се користат бесплатните од типските куќи на Министерството за транспорт. Потребна е градежна дозвола, како и преддоговор со градежник изведувач, а потоа се поднесува апликацијата во банка.
Условите се одлични, ќе видиме на крајот со банката… Се интересирам за надградба на постоечка куќа, од родителите… Посебно е поволно тоа што државата помага во исплата на ратите, тука заштедата е голема, добро е за секој млад човек што има можност, велат граѓните заинтересирани за проектот.
На маса се два модела. Првата опција значи субвенционирање на ратата, која ја плаќа крајниот корисник во 11 години од 20 во кои се враќа кредитот. Моделот предвидува во првите осум години Владата да плаќа 80 отсто од месечната рата, а во следните три години да се субвенционираат уште 50 отсто од месечните обврски кон банката. Корисниците можат да земат кредит до 50.000 евра.
Вториот модел предвидува целосно покривање на учеството, односно 25 проценти од кредитот. Враќањето на ратите е на апликантот.