Голем пад на потрошувачката на алкохол во Русија

Потрошувачката на алкохол во Русија е намалена за речиси 43 отсто од 2008 година, објави во саботата рускиот министер за здравство Михаил Мурашко, додека земјата го прославуваше Националниот ден на трезвеноста.

Просечен Русин пиеше 15,7 литри алкохол годишно пред 13 години, но минатата година овој маркер изнесуваше само девет литри, рече Мурашко.

Ова значи дека „консумацијата на алкохол е намалена за речиси 43% помеѓу 2008 и 2021 година“, објасни тој.

Бројот на болести и смртни случаи поврзани со алкохол, исто така, се намали во Русија во текот на 13-годишниот период, додаде министерот.

Тој истакна дека пиењето е причина за разни здравствени компликации, велејќи дека „секоја втора смрт од кардиомиопатија и миокардитис е поврзана со штетно консумирање алкохол“.

Алкохолот предизвикува „изразени промени во човечкиот систем што доведува до дистрофични и склеротични промени во мускулите и внатрешните органи, особено црниот дроб и мозокот“, рече Мурашко.

Според податоците од почетокот на 2022 година, глобалната просечна годишна потрошувачка на алкохол изнесувала 6,18 литри по лице.