Голем пожар во американска фабрика за дронови во близина на Рига

Голем пожар избувна во американска фабрика за дронови во Летонија во Марупе, предградие на главниот град Рига, јави летонскиот весник „Диена.лв“.

Голем број спасувачки екипи се на терен во обид да го изгаснат големиот пламен, а на жителите им се препорачува да се држат настрана.

Речиси 50 пожарникари, девет противпожарни возила, како и противпожарната служба на меѓународниот аеродром во Рига ги гаснат пламените.

Сопственик на фабриката е американската компанија „Еџ Аутономи“ која произведува беспилотни летала, кои се доставуваат до држави, комерцијални и приватни клиенти во речиси 70 земји.

Оваа компанија важи за еден од водечките производители на дронови од светска класа, а нивните беспилотни летала се испорачуваат и на украинската војска.