Голем број граѓани од сите возрасти, како и претставници на 40-тина граѓански здруженија кои се дел од т.н. „Зелен Фронт” излегоа пред Владатa на протестен марш за чист воздух.
Протестот беше масовно посетен, а со пораките „Сакаме да дишеме“, „Нема воздух нема мир“, „Воздух или смрт“, „Уа Профитери“, граѓаните укажаа дека животната средина мора да биде приоритет.
Протестот започна во 17 часот, пред Министерството за животна средина и продолжи кон Собранието. Тука се споија повеќе групи, на граѓани и средношколци и продолжија да маршираат заедно.
Претходно, околу 16 часот, голема група средношколци од повеќе скопски училишта се собра пред Собранието, за да им се придружи на граѓаните на протестот со кој се бараат реални мерки за чист воздух. Голем дел од нив во текот на денот ја бојкотираа наставата, со цел да ги натераат надлежните сериозно да го сфатат проблемот со загадувањето.