Со силни аплаузи синоќа во Софиската национална опера и балет беше поздравена изведбата на оперската претстава „Набуко” од Џузепе Верди, во изведба на македонската Национална опера и балет.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој ја проследи претставата заедно со неговиот бугарски колега Најден Тодоров, упати честитки за македонскиот ансамбл. Љутков изрази задоволство од соработката помеѓу најаголемите музичко-сценски куќи на двете држави, која се одвива на реципрочна основа, и најави развој на соработката токму со вложување во големи продукции. „Културата е делот каде што се надминуваат сите проблеми, затоа ние ќе продолжиме да ја развиваме соработката во културата и во туризмот, сектори кои може да донесат и економски придобивки за двете земји“, рече министерот Љутков.
Со гостувањето на македонскиот ансамбл и официјално беше отворена новата сезона на Софиска опера. Изведбата ја проследија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кои заедно со министерот за култура и туризам, Љутков ја претставуваа македонската делегација во Софија, по повод гостувањето на Нациоанлната опера и балет.
Повеќеминутните овации и позитивните оценки ги доби бројната екипа на македонската изведба на „Набуко“ со која диригираше маестра Бисера Чадловска, а насловната улога ја толкува Марјан Јовановски. Режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а дизајнер на светло е Милчо Александров.
Улогата на Абигаиле ја толкува Злата Тошевска-Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров настапува како Исмаил, а во улогата на Захарие е Игор Дурловски.
Синоќешната изведба на едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди се оценува како спектакуларно отворање на сезоната на Софиската опера и балет, со македоснката продукција „Набуко“.
Изведбата во Скопје е закажана за 21 септември на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20:00 часот.