Американската јавност и понатаму е шокирана по големата експлозија која се случи денес во Нешвил на католички Божик.
Според последните информации, најмалку три лица се повредени, а еден полицаец наводно го изгубил слухот од детонацијата. Полицијата соопшти дека очигледно станува збор за „намерен чин“, а градоначалникот на Нешвил Џон Купер соопшти дека „експлодирала бомба“.
На прес-конференција, портпаролот на полицијата на Нешвил Дон Арон кажа дека единицата за управување со опасни направи била испратена на лице место по повик за сомнително возило околу 6.30 часот наутро по локално време. Се претпоставува дека експлодирало токму сомнителното комби.
„Веруваме дека експлозијата е намерно предизвикана“, кажа Арон.
Една локална жителка кажала дека преку разглас слушнала снимена порака во која се предупредувале луѓето да се евакуираат.
„Слушнавме пет до шест истрели. По 5 минути ги слушнавме повторно, и се јавив во полиција. Се спуштив доле и го видов комбито и ја слушнав снимката: „Ова возило има бомба, евакуирајте се“, кажала жената која била сведок на експлозијата.
На новинарското прашање дали би била повредена или би настрадала ако не го напуштела својот дом, таа кажа дека веројатно би загинала.
„Истрелите беа толку гласни, се слушнаа три пати, а сега се прашуваме дали тие истрели беа снимка која се слушаше од комбито. Не верувам дека со денови ќе можеме да се вратиме дома, бидејќи експлозијата ги разурна нашите станови. Мислиме дека цел на нападот беше зградата на АТ&Т која се наоѓа во близина каде што беше паркирано возилото“, кажа таа.
Во меѓувреме полицијата, пожарникарите и ФБИ потврдија за медиумите дека на комбито бил поставен разглас, кој емитувал одбројување.
Властите потврдија дека тоа возило експлодирало и ја уверија јавноста дека „ќе дознаат што тука се случило“.