Американскиот претседател Џо Бајден верува дека големата израелска операција во Рафа нема да ја унапреди целта на земјата за поразување на палестинската милитантна група Хамас во Газа, изјави претставник на Белата куќа.
„Ударот врз Рафа, според него, нема да ја унапреди таа цел“, рече портпаролот Џон Кирби.
Кирби рече дека Хамас е под значителен израелски притисок и дека сега има подобри начини да се нападне остатокот од раководството на групата отколку операција со значителен ризик за цивилите.
„Тврдењата дека се оддалечуваме од Израел или дека не сме подготвени да им помогнеме да го поразат Хамас, едноставно не се во согласност со фактите“, додаде тој.
Тековната рунда разговори во Каиро за можниот договор за ослободување на заложниците заврши без видлива резолуција, изјави денеска висок израелски функционер.
-Израел ќе ја продолжи операцијата во Рафа, додаде тој.