Голема полициска акција на подрачјето на Скопје за сузбивање на улично дилерство на дрога, уапсени се 28 лица


Во рамки на криминалистичка истрага која од декември 2023 се спроведуваше по насоки на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, на 31.05/01.06.2024 во голема заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, САЕ Тигар и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија беа преземени низа координирани мерки и активности на подрачјето на  Скопје со цел сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана. Притоа, во текот на криминалистичката истрага од слобода се лишени 28 лица.

Во акцијата за сузбивање на улично дилерство на дрога изминатата ноќ лишени се од слобода В.Г.(46),  М.В.(22) и С.Б.(21), кај кои бил пронајден кокаин, Д.Т.(24) од Кочани, како и С.В.(28) од Скопје, кај кои при претрес биле пронајдени поголеми суми пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од продажба на наркотична дрога. Покрај ова, извршени се претреси на седум локации во Скопје, при што кај Ѓ.Ш.(41) од Скопје биле пронајдени марихуана, вага и други предмети поврзани со кривичното дело, кај А.П.(29) пронајден е  куршум и запалка за бомба, кај Б.П.(34) се пронајдени остатоци од кокаин и други предмети поврзани со кривичното дело. Од слобода се лишени и А.Б.Ј., поради сомнение за уништување  докази, како и М.Д.(37) од Скопје, кај кого бил пронајден кокаин. При претрес кај Ф.Д.(41) од Скопје пронајдени се поголема сума пари, марихуана, лични карти и пасоши на повеќе лица оставани како залог за  купопродажба на дрога, а при преземени мерки за негово лишување од слобода, тој не застанал на издадена наредба за запирање, при што оштетил три службени возила, извршувајќи и кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за него е издаден распис за негово пронаоѓање и приведување.

Покрај 28-те вкупно приведени лица, во текот на криминалистичката истрага обезбедени се повеќе материјални докази за инволвираност на лицата во улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, за две лица е веќе поднесена кривична пријава и одредена е мерка притвор, одземен е мотоцикл „хонда“ како и патничко возило „форд мондео“ за кое се обезбедени докази дека било користено за продажба на кокаин. Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против 7 лица.