Голема полициска акција, се апсат поранешни раководители на ЕСМ

Во тек е голема полициска акција во која се апсат лица од поранешното раководство на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и  РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки. Неофицијално, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК Васко Ковачевски, но полицијата не успала да го пронајде дома.

Од МВР соопштија дека во тек е е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека ќе следат детали по завршувањето на акцијата. Од Обвинителството потврдија дека акцијата се спроведува под координација на двајца обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Со мега акцијата на МВР се опфатени вкупно 29 физички и 4 правни лица од Велес, Неготино, Битола, Кичево и од Скопје, објави Плусинфо.

Покрај Ковачевски, осомничен за кривичното дело Несовесно работење во службата, на списокот на осомничени е и Васко Стефанов, кој го наследи Ковачевски на позицијата генерален директор на ЕСМ.

Со акцијата е опфатен и Пеце Матевски од Битола, поранешен директор на РЕК Битола.

Стефанов и Матевски се осомничени дека помогнале да се злоупотреби постапка за јавен повик, како членови на злосторничко здружение.

Комерцијалниот директор на ЕСМ, Ардијан Муча, пак, е осомничен за кривичното дело Злоупотреба на службена положба.

Станува збор за злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви за РЕК Битола и за ТЕЦ Осломеј, при што осомничените членови на злосторничкото здружение нанеле штета и стекнале противправна имотна корист од околу 6,5 милиони евра.

Како организатор е осомничена и Маја Јорданова од Велес, во својство на носител на договорот за адитивите. Името на оваа велешанка вработена во АД Пошта, сопственичка на приватна компанија без ниту еден работен, прв пат во медиумите се спомна во врска со милионска зделка за адитиви од Италија за државната ЕСМ, што ја добила како единствен понудувач.

Данчо Стојановски и Маја Јорданова се братучеди.

Со акцијата е опфатен и Небојша Стојановиќ од Неготино, исто така како организатор. Тој е поранешен директор на ТЕЦ Неготино. И неговото име се вртеше во медиумите, поради една поголема зделка што ја склучила фирма на неговата сопруга Милица со РЕК Битола, каде како потписник од другата страна се јавува осомничениот битолчанец Пеце Матевски.

Небојша Стојановиќ, брат му Ранко, татко му Мирко и жена му Милица се осомничени и за перење пари. Таму каде што е докажано дека постои кривичното дело Перење пари, ќе се бара средствата да се замрзнат.