
Силно невреме во главниот град. Обилните врнежи поплавија повеќе скопски сообраќајници. На социјалните мрежи постојано се објавуваат фотографии од локации каде што сообраќајот е во прекин:
- Населба Автокоманда, во близина на хотелот Континентал
- Улица Рилски Конгрес, населба Водно
- Булевар Србија, сообраќајот е во прекин – заглавени се неколку возила
- Булевар Кочо Рацин, кај Тинексот во близина на ГТЦ
- Улица Иван Козаров, Кисела Вода
Напоменуваме дека информацијата се однесува само за состојбата во овој момент.
Сите екипи на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје во моментов интервенираат на терен во насока на оспособување на сообраќајниците каде се појавија поплавувања по невремето кое го зафати градот и се уште трае, информираат од Град Скопје.
Воедно, апелираат до граѓаните да останат во нивните домови и да не излегуваат со возила се додека не престане невремето и не се создадат услови за нормално одвивање на сообраќајот.
Во меѓувреме, по добиеното известување од Градоначалникот на Град Скопје, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје апелира до граѓаните кои со своите патнички возила се заглавени на некои од поплавените критични места да останат во своите возила додека се повлече водата и да ја почекаат помошта од соодветните стручни лица од Јавните претпријатија на Градот.
Скопје е погодено од невреме, составено од обилни врнежи на дожд кои предизвикаа поплави на поголем број сообраќајници во Скопје, прекини во снабдувањето со електрична енергија и голем број скршени и паднати дрвја.
Според информациите до кои дојде Нетпрес во скопската населба Ченто се поплавени неколку куќи.