Голема загаденост во цела Македонија, во Миладиновци концентрација на јаглерод моноксид

Слабиот ветер и дожд минимално го расчистија воздухот низ градовите во Македонија и сега тој е загаден во сите градови, но не екстремно. Среднодневните вредности на ситните честички ПМ10 за вчерашниот ден се околу 100 микрограми на кубен метар воздух во сите градови. Во Лисиче, каде среднодневната вредност завчера беше 185 мцг/м3, вчера изнесуваше 124, со што на оваа станица, а ниту на една друга не се исполни прагот на алармирање, кој е одреден на два дена по ред среднодневна вредност на ПМ10 над 150 микрограми на кубик воздух и најава од УХМР за стабилно време без ветер.
Во источната зона Струмица и натаму е најзагаден град, а за вчера таму среднодневната вреднист на прав изнесува 146 микрограми на кубик. Во западната зона најзагадено е во Гостивар, со средна вредност за вчера од 133.

На станиците од Државниот автоматски мониторинг за квалитет на воздухот деновиве се забележува дека е зголемена концентрацијата на јаглерод мониксид во Миладиновци. Часовните вредности се качуваат до 10 милиграми, па така вчерашниот ден, 9 јануари е запишан како ден во кој е надмината граничната вредност на овој загадувач во Миладиновци, а состојбата не е подобрена ниту денеска. Гранична вредност на јаглерод моноксид е одредена како осумчасовна вредност и не смее да надминува 10, а во Миладиновци вчера беше 10,3. Исто така, според Законот за квалитет на воздухот во годината не смее да има вакво пречекорување на загадување со јаглерод моноксид во ниту еден ден. За споредба, законот дозволува до 35 дена годишно да има пречекорување на загадувањето со ПМ10.

Краткото и мало олеснување што го донесе ветерот ќе потрае и денеска, евентуално и утре, по што времето ќе се стабилизира и може да се очекува дека аерозагадувањето пак ќе се зголемува. Од УХМР најавија дека времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег и ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Умерен до засилен ветер од север се очекува и утре.