
Шпанците во сите делови од земјата во саботата ги слават резултатите од традиционалната божикна лотарија El Gordo (Дебелко).
За разлика од претходните години, кога добивките беа концентрирани во одреден дел од Шпанија, овојпат фондот од наградите од 2,4 милијарди евра се распоредени ширум земјата. Главната награда изнесува 400 милиони евра, а поради сложената шема за наградување, некаква добивка успеваат да освојат илјадници луѓе. Секое ливче чини 200 евра, па многу играчи ги делат трошоците. Често цели пошироки семејства или колеги од работа заеднички вложуваат пари, па потоа ги делат добивките.
Голема сензација оваа година беше местото Манисес, во близина на Валенсија, каде што главната награда е освоена по третпат од 2012 година. „Ова е целосно лудило, шокирани сме и немаме зборови“, изјавил локален службеник на шпанската лотарија за агенцијата Europa Press.
Извлекувањето, коешто вообичаено се одржува на 22-ри декември во зградата на мадридската опера „Teatro Real“, трае и по неколку часа, бидејќи се доделуваат и бројни помали награди. Додека другите лотарии имаат поголеми индивидуални добивки, Ел Гордо е посебен по тоа што носи повеќе награди на поголем број добитници. Долго очекуваната божикна традиција, којашто беше пренесувана преку радио и телевизија, ја збогатија децата кои во операта добитните бројки ги објавуваа пеејќи.
Ел Гордо се смета за најстарата лотарија на светот. Нејзиниот почеток е во 1763 година, кога ја покренал кралот Карло Трети, за да собере пари за државната каса.