Големиот митинг на СДСМ во Скопје – анемично и без енергија

Анемично и без енергија. Ова е главниот впечаток од централниот митинг на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој вечерва се одржа на плоштадот „Пела“ во центарот на Скопје.

По вечерашниот собир, стана јасно дека главниот адут на опозицискиот СДСМ, во кампањата за предвремените парламентарни избори, нема да биде програмата, бидејќи ја нема.

Лидерот на партија, Зоран Заев, во својот настап наликуваше на својот претходник Бранко Црвенковски. Заев најголемиот дел од настапот го посвети на обвинувања за недемократија, за недостаток на слобода и за потребите за промени.

Во неговиот настап можеше да се забележат два слогани, кои досега веќе беа употребувани – „За подобра Македонија“  и „За промени во Македонија“, двата слогани на ВМРО ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, употребувани во минатото.

Заев од говорницата повика на смена на власта, на без да посочи кој е неговиот план како да ја подобри ситуацијата, не понуди проекти, ниту некои реформи. Лидерот на СДСМ вети дека ќе ја внесе земјата во Европската Унија и во НАТО, но не објасни како планира да го направи истото.

Говорот на Заев, може да се оцени како празна политичка реторика – застарен метод на политичко обраќање напуштен речиси пред една деценија. За аналитичарите, настапот без програма и платформа која ќе се понуди на граѓаните, претставува потценување на народот и не обезбедува можност да се направи вистинска споредба меѓу понудите на партии кои претендираат за власта.

Граѓаните, како што се покажа во претходните изборни циклуси, повеќе не веруваат на говори и празни ветувања, туку на темелно разработена програма и проекти, нешто што му недостастува на СДСМ.

Околу 10.000 луѓе, колку што се проценува дека присуствуваа на митингот на СДСМ, не слушнаа за проекти за создавање услови за отворање на нови работни места, проекти за земјоделството или пак здравството.

Наспроти ова, по вчерашниот голем митинг на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, денеска лидерот Никола Груевски продолжи со митинзи во Тетово и во Гостивар, каде говореше за проекти од нивната програма. Фокусот е насочен кон ветување за нови 64.000 работни места, намалување на ДДВ-то за повеќе групи на производи, зголемување на пензиите за нови 21,5 отсто, како и поголема социјална помош за 21 отсто.