На крајот на 18 век аболиционистичкото движење ги поттикна Британците да не користат добра произведена со робовски труд. И тоа успеа. Дури 300.000 луѓе престанаа да купуваат шеќер, што направи притисок за укинување на ропството.
Кампањата Стоп хејт фор профит е најновото движење кое го користи бојкотот како политичка алатка. Нивните претставници тврдат дека Фејсбук не прави доволно за да ги отстрани расистичките и содржините кои вклучуваат говор на омраза од својата платформа.
Успеаја да поттикнат повеќе компании да ги повлечат своите реклами од Фејсбук и некои други социјални мрежи. А меѓу последните се Форд, Адидас и ХП. Уште рпетходно на бојкотот се придружија Кока кола, Унилевер и Старбакс. И мајкрософт реши во мај да ги суспендира рекламите на Фејсбук и Инстаграм.
Во меѓувреме, другите онлајн платформи како Редит и Твич исто така почнаа да работат на отстранување на говорот на омраза на своите платформи.
Затоа се поставува прашањето дали овој бојкот може да му наштети на Фејсбук. Накратко, да, бидејќи повеќето приходи на Фејсбук доаѓаат од рекламите.
Дејвид Каминг од Авива инвесторс вели за Би-би-си дека губењето на довербата и перцепцијата за непостоење морални насоки може да го уништи бизнисот.
Во петокот акциите на Фејсбук паднаа за осум отсто, а Марк Зукерберг изгуби најмалку шест милијарди евра.
Но, може ли ова да стане егзистенцијална закана за Фејсбук во долгорочна смисла не е баш јасно.
Пред сѐ, ова не е прв бојкот на социјални мрежи. Во 2017 година огласувачите престанаа да соработуваат со Јутјуб откако дознаа дека нивните реклами се прикажуваат на снимки кои се расистички и хомофобни. Но денес овој бојкот е речиси заборавен. Јутјуб ги смени своите огласувачки политики и денес сосема океј работи.
А постојат неколку причини поради кои е реално да се верува дека овој бојкот не му штети на Фејсбук толку колку што изгледа.
Прво, многу компании се одлучија на едномесечен бојкот во јули. Второ, и можеби најважно, повеќето приходи на Фејсбук доаѓаат од илјадниците мали и средни компании. Си-ен-ен објави дека најголемите 100 огласувачи потрошиле 4,2 милијарди минатата година, односно околу 6 отсто од приходите на Фејсбук.
Засега, повеќе средни компании не ја поддржаа кампањата на бојкот.
Мет Морисон од огласувачката агенција Диџитал виски смета дека голем број мали компании не смеат да си дозволат да не се рекламираат. Тој смета дека на ваквите компании кои не можат да си дозволат рекламирање на телевизија, евтиното огласување на социјалните мрежи им е клучно.
„Единствениот начин нашата компанија да продолжи со работа е да имаме пристап до овие целени публики, кои не се масовна медиумска публика, така што ние ќе продолжиме да се рекламираме“, вели Морисон.
На некој начин Фејсбук изгледа како компанија врз која може успешно да се примени лобирањето. Структурата на Фејсбук е таква што Марк Зукерберг има голема моќ во своите раце. Ако нешто сака, ќе го добие. Така што единственото нешто што е потребно е да се смени мислењето на еден човек.
Но важи и спротивното. Акционерите не можат да го притиснат Зукерберг на истиот начин како во другите компании. Ако тој не сака да реагира, нема да реагира.
Досега Зукерберг покажа знаци дека е подготвен за промени. Во петокот Фејсбук објави дека ќе почне со тагирање на содржините на омраза и дека неделава ќе дојде до уште некои промени.
Но ова нема да биде доволно за кампањата Стоп хејт во профит да престане. А и други почнуваат сопствени активности.
Во понеделникот Редит во рамки на акцијата на укинување на подплатформите кои содржат вознемирување и закани го забрани Доналд форумот. Овој подфорум не е официјално поврзан со американскиот претседател, но помага во ширењето содржини кои го поддржуваат.
Освен тоа, Твич привремено ја укина сметката на кампањата на Доналд Трамп. од страницата за стриминг на Амазон порачаа дека две видеа од митинзите на Трамп ги прекршиле правилата за говор на омраза.
Едно е од 2015 пред да биде избран, а во него изјави дека Мексико испраќа силувачи во САД. Во второто, објавено во јуни годинава, Трамп опиша замислен човек кој провалува во дом на Американка.
Ова ќе биде тешка година за сите социјални мрежи. Фејсбук во таа смисла не е исклучок. Но компаниите секогаш ќе се водат од одржувањето рамнотежа. Ако бојкото продолжи на есен и ако му се приклучат уште повеќе компании ова би можела да биде клучна за социјалната мрежа.