Големите пожари во Каталонија уништија 1.600 хектари шума

Три шумски пожари, кои од вчера ја зафатија источна Шпанија, уништија 1.600 хектари борова шума и ниска вегетација, а топлотен бран донесе рекордно високи температури, соопштија денеска регионалните пожарникари.

Стотици пожарникари се на терен и се борат со пожарите со 120 камиони и 19 канадери во близина на градовите Балдомар, Корбера д’Ебре и Кастелар Рибера, соопшти каталонската противпожарна служба.

Повеќето напори се фокусирани на Балдомар, каде пожарот може да се прошири на 20.000 хектари шуми и земјоделско земјиште. Евакуирани се некои изолирани куќи, како и детски центар со 54 малолетници. Нема извештаи за загинати или повредени.

Големи делови од земјата се соочуваат со екстремен ризик од шумски пожари, соопшти државната метеоролошка агенција АЕМЕТ.

До 5 јуни, изгорената површина во Шпанија беше за 34 отсто помалку отколку во истиот период во 2021 година и најмалку од 2018 година. Меѓутоа минатата недела, комбинацијата од топло време, ветрови и невреме предизвикаа пожари низ целата земја.

Високи температури ја погодија Шпанија кон крајот на минатата недела, во најраниот топлотен удар од 1981 година, со температури над 40 степени Целзиусови во многу делови од земјата. Ноќните температури се исто така невообичаено високи, и се движат меѓу 20-25 Целзиусови степени.