Големо дерби на самиот старт, Пелистер домаќин на Вардар

Денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија беа извлечени двојките за новата клупска сезона во македонската Прва фудбалска лига. Во новата сезона ќе се натпреваруваат десет екипи, а новитет е и четрикружниот систем на натпреварување.

По првите два круга ќе се игра и трет по „бергеров систем“, по што за прв пат ќе бидат формирани плејоф и плаут-лиги кои ќе го решат прашањето за шампионот, како и за екипите што ќе испаднат од елитното друштво.
Новата клупска сезона ќе стартува на 3 август, а во првото коло, убедливо најголемо внимание ќе привлече пресметката помеѓу најголемите фудбалски ривали во Македонија, Пелистер и Вардар.

Бранителот на тронот, тимот на Работнички ќе биде домаќин на секогаш незгодната екипа на Металург, а предноста на домашниот терен но во дуелот против штипска Брегалница, ќе пробаат да ја искористат и фудбалерите на Шкендија.
Повратникот во елитното друштво Силекс во Кратово ќе го пречека Турново, додека Ренова во последниот меч од првото коло ќе биде домаќин на Тетекс.