Големо разочарување на Французите од политиките на Макрон, „претседателот на богатите“

Значителен дел од Французите, околу 44 отсто, се разочарани од политиките што ги спроведува претседателот Емануел Макрон, што е двојно поголем пад на неговиот рејтинг за само десет месеци, покажува истражувањето на јавното мнение на социолошкиот институт Elabe чиишто резултати во неделата ги објави телевизијата BFMTV.

Во коментарот на телевизијата особено се истакнува податокот дека два месеца по изборот на Емануел Макрон на чело на Француската Република, бројот на незадоволните од неговите политики изнесувал речиси двојно помалку, односно само 21 отсто.

Сегашното истражување, исто така, покажало дека само 20 отсто од испитаниците се задоволни од работата на Макрон, додека 36 проценти сметаат дека е сѐ уште рано да се оценува неговото извршување на должноста шеф на државата.

Според показателите добиени во текот на анкетата, најмногу разочарани од активностите на Макрон се жителите на малите градови и селските средини. Незадоволството, исто така, е изразено и кај пензионерите, коишто негативно се изјаснувале за социјалните реформи што ги спроведува владата на претседателот Макрон.

Според анкетата, огромно мнозинство испитаници сметаат дека актуелниот француски претседател е „претседател на богатите. Така, 67 отсто од нив изјавиле дека Макрон води политики во полза на богатите Французи, а само 20 отсто сметаат дека неговиот политички курс има цел да ги поддржува сите социјални категории. А само 6 проценти од испитаниците рекле дека претседателот е воден од интересите на средната класа и помалку богатите.

Посебно, пак, било истражуван ставот на Французите за промените во сферите на социјалата и економијата. Така, наголемо најавуваната реформа на железничкиот сектор, го предизвика големи штрајкови ширум Франција, го поделува општеството на два табора: 59 отсто од испитаниците ги оценуваат како позитивни, а 40 отсто како негативни.

Истражувањето било спроведено на 12-ти и 13-ти април, и со него биле опфатени над илјада испитаници повозрасни од 18 години.

Емануел Макрон, ја извршуваше должноста министер за економија во периодот од 2014 до 2016 година во владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд, кој имаше историски најслаб рејтинг. Макрон владата ја напушти неколку месеци пред распишувањето на претседателските избори, формирајќи го своето движење коешто како центристичко го понуди пред гласачите како алтернатива за паднатите традиционални партии на конзервативците и социјалистите. Но со нивна помош во вториот круг од претседателските избори на 7-ми мај 2017 година, освои 66,1 отсто од гласовите, поведувајќи ја Марин Лепен, лидерката на крајната десница Национален фронт, која направи историски пробив во вториот круг и освои 34 отсто до гласовите.