Голи скулптури на виетнамска плажа „облечени“ по негодувањата

Туристичка компанија во северен Виетнам ги покри „интимните делови“ на дванаесетте скулптури на голи луѓе во природна големина со животински глави по негодувањата на социјалните мрежи, известија во петокот државните медиуми.

Секоја скулптура недалеку од плажата во градот Хаипонг претставува хороскопско животно од виетнамскиот фолклор, вклучително стаорец, тигар, куче и змеј. Меѓутоа, од вратот надолу е човечко тело.

Иако се поставени пред десет години, фотографиите на скулптурите од неодамна се поставени на интернет и покренаа негодувања и тврдења дека голите скулптури се навредливи.

Меѓународната туристичка компанија „Хон Дау“, во чија сопственост се наведените скулптури, одговори со прекривање на „интимните“ делови на скулптурите, пишува порталот Vnexpress.

„Никогаш претходно немавме добиено никаква поплака на сметка на овие скултури. На луѓето всушност им се допаѓаше да ги допираат…“., изјавил Хоанг Ван Тиенг, директор на компанијата.