По пребројани 85,17 отсто од гласовите, како што јави словенечки Дневник, победничка партија е централно-левичарското Движење за Слобода на Роберт Голоб со 33,73 отсто од гласовите или 42 пратенички места. Следуваат СДС на премиерот Јанез Јанша со 24,45 отсто или 26 пратенички места, и другите помали партии на кои ќе им припаднат 20 пратенички места.
Во Движењето за слобода беа изненадени од победата. „Ова на некој начин е изненадување за нас, но пред се е празник на демократијата, празник на сите луѓе кои сакаат слободен живот во земја каде што ќе бидеме почитувани, слушани, каде што човековите права, основните слободи ќе се почитуваат, и ќе се почитува владеењето на правото“, изјави Уршка Клакочар Жупанчич, потпретседателка на партијата Движење за слобода.
Претседателот на партијата Роберт Голоб подоцна рече: „Денес луѓето танцуваат, утре започнува нов ден. Утре ќе почнеме напорно да работиме за да ја оправдаме оваа доверба, ова е нашата посветеност кон оние кои не поддржаа денес“.
Претседателот на СДС Јанез Јанша во објава на Фејсбук напиша: „Гласот за СДС е глас за Словенија за сите нејзини граѓани. Глас за словенечкото семејство, глас за словенечкиот работник и пензионер, глас за нашите деца и за словенечката иднина“.
Овие избори беа карактеристични според големиот одзив. До 16 часот одзивот достигна 57 отсто. Најголем одѕив беше во 1992 година на првите парламентарни избори во независна Словенија, кога својот глас го дадоа 85,6 отсто од граѓаните со право на глас.