Гонзалес очекува подобра игра во одбрана

По натпреварот Вардар – ППД Загреб, во рамките од СЕХА Газпром лигата што заврши со победа на „црвено-црните” со 32:31, двата тренери на прес конференцијата ги кажаа своите размислувања за она што се случуваше, објави МИА.

Предводникот на Вардар, Раул Гонзалес изјави дека одбраната на неговиот тим мора да се подобри.

– Натпреварот беше тежок, а резултатот беше тесен. Ние напаѓавме добро во прво полувреме, но во одбраната имавме големи проблеми. Во вториот дел исто така имавме потешкотии во одбраната, затоа беше неизвесно имавме еден-два гола разлика. Се истрошивме на натпреварот против Веспрем, тренираме напорно и треба да видиме и да се подготвиме за тоа што ни претстои во ЛШ.

Веселин Вујовиќ, тренерот на ППД Загреб го призна поразот.

– Му честитам на Вардар за заслужената победа. Во текот на целиот натпревар ја контролираа играта и резултатот, а ние секогаш бевме чекор два зад нив. Долга е сезоната ќе одиграме уште многу натпревари меѓусебно, и се надевам дека ќе се поправиме во понатамошните дуели. Со резултатот не сум задоволен, но со играта делумно. Им посакувам се најдобро на Вардар оваа сезона, рече Вујовиќ.

На табелата во СЕХА Вардар е лидер со три победи и еден нерешен резултат, Загреб има една победа и еден пораз досега.