Сакам да им порачаме на сите кои се во притвор и неправедно затворени дека повторно ќе чекорат по плоштадот Македонија, по улица Македонија, дека повторно ќе се вратат кај нивните најмили. Ќе дојде слободата, истакна Влатко Ѓорчев на протестот пред затворот во Шуто Оризари, против приведувањата пратеници и други лица за учество во настаните во Собранието од 27 април годинава.
„Не беше режим она пред година, две или три – ова сега е режим. Сега нема слобода“, рече Ѓорчев.
Ги поздрави и актерите од МНТ кои вчера во знак на протест за притворот на нивниот колега Владо Јовановски ја одложија претставата „Ничија земја“.
„За овие неправди ќе се собереме и утре во 16,30 часот пред Влада, но исто така и пред Министерството за правда, кај споменикот на Христо Узунов. Борбата за Македонија продолжува и утре“, порача претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.