
Еден од кандидатите за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, го одржа својот говор пред делегатите на Конвенцијата на партијата. Тој истакна дека ќе го поддржи секој кандидат кој ќе ја освои довербата од делегатите, и додаде дека од понеделник почнува битката за победа против СДСМ.
„Ќе го поддржам секој кандидат што ќе ја освои вашата доверба. Од понеделник почнуваме обединети и сложни да го победиме СДСМ. Мотивиран сум затоа што џигерот ме боли кога гледам што и прави Заев на државата“, рече Ѓорчев, притоа додавајќи дека овој говор е најважниот во неговиот живот.
Една од првите работи за кои тој зборуваше беше промената на името.
– Кога ќе дојде време да ги вадат таблите, а веќе ги вадат, ако треба нека ни ги дадат нам ќе ги чуваме и по подруми и по тавани, ќе дојде време кога повторно ќе ни требаат. Тоа е нашиот аманет, Република Македонија. Мојата програма ќе биде истата онаа која сме ја гласаме на конгреси, пред централни комитети, пред граѓаните. Во врска со најважниот проблем за претседателските избори, ризикот од полнење на кутии. Лично сум бил десет пати набљудувач на кутии на разни избирачки места, повторно ќе го направиме тоа, ќе го покриеме теренот. Оние кои мислат да полнат кутии ќе им биде порачано од многу сериозни места да не помислат на тоа. Затоа што ризикуваат црни листи. Нека го знаат тоа. И ние не сме без адути – рече актуелниот пратеник и конкурент на огласот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како претседател на Република Македонија, рече тој, се обврзувам да отидам на најважните места каде се креира светската политика и да се борам за Македонија со целото свое свце, а не како Зоран Заев и Никола Димитров каде се е на продажба.