Егзодусот на младите луѓе кој се случува во моментов ја демантира розовата реторика на премиерот Зоран Заев и триесетината негови министри, рече во саботата вечерта пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев во текот на гостувањето во вестите на ТВ Ирис во Штип.
Во врска со претстојните претседателски избори, Ѓорчев истакна дека огромното мнозинство на граѓани се незадоволни од вкупните состојби во државата.
„Поради тоа власта ќе доживее многу, многу непријатно изненадување од народот. Заев и министрите беа многу самоуверени за референдумот, но народот им испрати јасна порака дека е против промената на уставното име Република Македонија. Македонскиот народ и сите граѓани се силно приврзани за уставното име Република Македонија, а власта на СДСМ тоа упорно го игнорира“, рече Ѓорчев.
Во делот на економските политики, Ѓорчев констатираше дека се случува економски дебакл на Владата кој се гледа во сите клучни индикатори.
Исткана дека источна Македонија е целосно запоставена и заборавена од оваа власт, а ништо подобро не е во останатите делови на Македонија.
„Невиденото иселување и егзодус од Македонија што се случува во моментов најдобро ја илустрира актуелната состојба. Државата снемува луѓе и тоа е најсилниот демант на целата розова реторика на Зоран Заев и неговите 30 министри. ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на програмата, која ќе биде претставена во следниот период и која ќе биде спроведена од Владата предводена од Христијан Мицкоски“, заклучи Ѓорчев.