Ѓорчев: Приоритет треба да бидат граѓаните на Република Македонија, Владата и СДСМ да ги повлечат стратегијата и акцискиот план за бегалци

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев, на денешната седница истакна дека жали што оние кои се директно инволвирани во националната стратегија и акцискиот план за бегалците, премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не дојдоа да ги образложат.

„Лично ги повикавме премиерот Заев и министерката Царовска да ја образложат изјавата од Штип каде што рекоа дека ги поддржуваат стратегијата и акцискиот план“, посочи Ѓорчев кој потенцира дека заменик министерот бил на минатата комисија, но оти не образложил ништо конкретно во врска со предлозите.

Ѓорчев вели дека само во 2017 година предвидени се 71 проект, а тие ќе продолжат во следните 10 години. Тој ги образложи сите кратења кои се предвидуваат со новиот ребаланс на буџетот за 2017 година.

Вели дека со акцискиот план се предвидува изградба на 100 згради за мигранти и бегалци и дека доколку Царовска присуствувала на Комисијата, ќе требала да даде одговор каде ќе се градат истите.

Претседателот на комисијата истакна дека за изградбата на згради во акцискиот план не пишува колкав ќе биде буџетот во евра, но оти 100 отсто од нив ќе бидат пари од државата.

„ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека приоритет на Владата треба да бидат граѓаните на Република Македонија“, посочи Ѓорчев кој додава дека ставката “надомест на експерти” провејува низ целиот документ, односно на 8 места.

 

Побара да се образложи кои се експертите и колку ќе бидат платени, односно колку средства се превидени за оваа ставка.

Ѓорчев потенцираше и дека ВМРО-ДПМНЕ бара да се повлечат овие документи.

„Ресурсите во делот на вработувањата и социјалната политика да бидат наменети за граѓаните на Република Македонија. Со кратењето на многу ставки од буџетот и предвидување за трошење на милијарди за мигранти и бегалци е значајно менување на приоритетите“, вели Ѓорчев кој појасни дека на граѓаните им е потребна поголема плата и подобри услови за живот.