Ѓорчев: Вицепремиерите да се откажат од покачувањето на нивните плати од 8.000 денари

Во ваква економска состојба власта не треба да се води првенствено за сопствените привилегии и ги повикувам вицепремиерите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Кочо Анѓушев, Хазби Лика за кој слушнавме дека не оди на работа и Бујар Османи да се откажат од покачувањето на нивните плати за 8.000 денари. Срамота е, граѓаните не ве гласаа за ова, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев на денешната собраниска седница.

Ѓорчев потенцираше дека економската ситуација во Република Македонија е целосно неадекватна за вакви неодговорни предлози на власта и истите покажуваат колку владата на Заев и СДСМ не води сметка за јавните финансии и животниот стандард за граѓаните.

– Економските состојби во Република Македонија се целосно неадекватни за вакви забегани предлози на власта, неодговорни кои што кажуваат колку оваа власт е незаинтересирана за јавните финансии и не води сметка за животниот стандард за граѓаните и колку оваа власт на Зоран Заев и неговите пет вицепремиери кои што треба да си ги зголемат платите за 8,000 денари, како да им се малку досегашните 70.000 денари не водат сметка за животниот стандард за граѓаните туку за сопствените привилегии, вели Ѓорчев.

Токму затоа тој побара предлогот за зголемување на платите на вицепремиерите како и точката со која се додава уште еден заменик директор во Агенцијата за поттикнување за развојот на земјоделието, да се повлечат од дневен ред, затоа што тоа го очекуваат и граѓаните на Република Македонија кои бараат повисок стандард, а не повисоки плати на функционерите и заменици директори во јавните претпријатија.