Ѓорѓески: Последиците од запуштената депонија во Тетово може да бидат катастрофални

По лошото искуство со струшката депонија, граѓаните на Тетово со право се плашат дека тоа може да се повтори и во нашиот град, само што овојпат последиците ќе бидат несогледливи, рече во понеделникот Ивица Ѓорѓески од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Тетово.

Како што рече Ѓорѓески, Општина Тетово и надлежните институции остануваат и натаму глуви на апелите и барањата на граѓаните.

„Среде лето на помалку од еден километар од градот се наоѓа целото ѓубре кое се собира во Тетово. На стотина метри од градскиот пазар и на десетина метри од стопанските и станбените објекти се наоѓа дива депонија која функционира во субстандардни услови“, рече Ѓорѓески.

Процени дека од 100 до 150 тони ѓубре дневно се собира во градот и се складира на несоодветно место, а оти патем поради неодговорноста на градските служби се случува со денови делови од градот да останат со несобрано ѓубре по контејнерите, па така низ целиот град се појавуваат по десетина мини диви депонии под прозорите и пред вратите на граѓаните.

„Проблемот со депонијата е премногу сериозен за да се премолчи. Градоначалничката Теута Арифи нема абер овој проблем да го реши. За жал, ниту централната власт не интервенира, а една ваква депонија која шири миризба низ цел град, која доколку се запали ќе преставува закана за индустриските и стамбените објекти кои се наоѓаат во непосредна близина, која исто така е еколошка бомба која го загрозува здравјето на сите граѓани“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓески побара централната власт итно, со ребаланс на Буџетот да предвиди средства и да отпочне постапка оваа депонија конечно целосно да се дислоцира на место кое е согласно со сите стандарди за таа намена.

„Недозволиво е тони ѓубре да се шират од едно место на друго место во град Тетово, кое одвреме навреме се пали и ги труе сите граѓани“, заклучи.