
Недозволиво е во едно демократско општество носител на функција во една толку важна установа како што е Управата за јавни приходи да функционира по партиски директиви, и поради стравот од пораз на локалните избори Стефан Богоев на својата другарка Сања Лукаревска и дава наредби за дисциплинирање на своите неистомисленици, изјави Филип Ѓеоргиев од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓеоргиев истакна дека споменатите двајца членови на владејачката СДСМ „учат од нивниот шеф“ премиерот и партиски лидер Зоран Заев, и ги обвини дека практикуваат селективна правда и селективна употреба на законите.
„УЈП стана институција која за едни е мајка, а за други макеа. Прва задача на инспекциите е да укажуваат, а не да казнуваат ветуваше Заев пред изборите, а сега прават се спротивно. Ова е типично за Заев едно да зборува, а друго да прави. Тоа народот го вика лажење. Ова е очигледен показател за нивната дволичност“, рече Ѓеоргиев.
Кaко и за многу други работи, констатираше натаму претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, така и за споменатото се покажало дека СДСМ „безочно ги лажеа граѓаните“.
„Другарот Богац и другарката Лукаревска катанците на скопските локали ги направија секојдневна слика и успеаа да го замрат животот по скопските кафулиња. Инспекциите мора да работат соогласно законите, а не соогласно партиските директиви“, рече Ѓеоргиев.
Порача дека ваквото однесува „нема да помине“ и оти граѓаните се свесни дека СДСМ и нивните функционери го партизираат целото македонското општество и се служат со селективна правда.
„Казната за ова ќе следи на локалните избори на 15-ти октомври, а за секое работење спротивно на законите ќе следува и кривична одговорност“, заклучи Ѓеоргиев.