Капитулантскиот договор со Грција и откажувањето на македонскиот идентитет е само параван за покривање на криминалите и општиот грабеж што го тера СДСМ и Заев во моментов во нашата држава. Начинот на делување на криминалниот картел е веќе познат. На тазе формирани фирми, кои немаат никакво искуство во областа им се доделуваат бизниси тешки милиони евра, изјави на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека станува збор за уште еден во низата скандали, како што рече, во режија на СДСМ по оној со доделувањето на лиценци за вршење на испити за возачки дозволи.
„Овој бизнис, кој на подрачјето на Скопје му го даваат на 26-годишно момче е чист монопол. Сите кои на територијата на градот имаат намера да полагаат за возачка дозвола од која било категорија, ќе му плаќаат на ова момче за кое што не се знае ниту дали има возачка дозвола ниту пак од кога е возач. Ова момче треба да ја организира работата на комисиите од кои ќе зависи безбедноста во сообраќајот. Станува збор за бизнис од преку 6 милиони евра за 5 години. Со потпис на Спасовски, власта додели лиценца за полагање возачки испити на фирма формирана само 7 дена пред да биде распишан конкурсот, а дисквалификуваше фирми со долгогодишно работно искуство во оваа област. Фирмата „Авто испитен центар“ – Скопје, формирана на 19.06.2018 година, на само 7 дена пред МВР да го објави конкурсот за возачки испитни центри, на 25.06.2018 година, од страна на 26 годишното момче, според МВР на Спасовски е покомпетентна за спроведување на теоретско и практично тестирање за возачки испити од фирмите Автомото Сојуз, АСУС Боро Петрушевски, ПСС и Авто Македонија кои што се со децениско искуство во оваа област.“
Ѓорѓиевски запраша кои квалификации ги имала оваа фирма за да го добие овој бизнис, како е вршено бодувањето и кој го вршел изборот на истата?
„Никаде во демократскиот свет, во ЕУ и НАТО, кои се стремиме, државни тендери за извршување на работи за издавање на потврди од кои зависи дали некој ќе добие јавна исправа или не, не добиваат фирми кои немаат никакво искуство во оваа област. СДСМ и Спасовски дадоа ексклузивитет за извршување на теоретско и практично тестирање за возачки испити за територија на град Скопје на фирма за која не се знае дали има и полигон. Да зборуваш дека се стремиш кон ЕУ и НАТО, а секојдневно да делиш милионски бизниси на тазе формирани фирми е измама на сопствениот народ и криминал во најмала рака. Во ЕУ и НАТО не се оди со криминал, во ЕУ и НАТО не се оди со непрофесионалност, нестручност и неодговорност. Зоран Заев и Оливер Спасовски државата ни ја туркаат кон бездна на криминал и корупција. Со вакви криминали во ЕУ никој нема да не прими. Токму затоа оваа криминална влада мора час поскоро да си замине. Државата мора да тргне напред“, додаде Ѓорѓиевски.