
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) директно се вмеша во претстојните локални избори работејќи како „продолжена рака“ на владејачката СДСМ и заеднички се обидуваат да влијаат врз волјата на граѓаните кока треба да биде изразена на 15-ти октомври, истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СЈО без никаков аргумент во предметите тенденциозно опфати двајца членови на Државната изборна комисија и пет судии на Управниот суд. На петте судии веќе им е симнат и имунитетот. Направен е преседан. Се води кривична постапка против нив само заради судско убедување. Заднината на овој преседан е друга. Токму Управниот суд треба да одлучува по жалбите околу изборниот процес и на овој начин, преку СЈО, СДС испраќа порака и ги застрашува судиите кои би одлучувале, но и го ограничува, односно намалува бројот на судии кои ќе постапуваат“, нагласи Ѓорѓиевски.
Од друга страна, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Државната изборна комисија институцијата која ги спроведува изборите и одлучува за нивната регуларност.
„ДИК е таа институција до која политичките партии поднесуваат приговори за изборни нерегуларности и која одлучува дали некаде ќе се прегласува. Работење без аргументи, со заплашување и закани е специјалност и на СДС, а исто така и на СЈО, па нема да им претставува проблем на тој начин да се обидат да ги контролираат овие две институции. Со ставање под контрола на ДИК и Управниот суд, на СЈО/СДС им се отвора патот да ги местат локалните избори и да ја изиграат волјата на граѓаните“, потсети Ѓорѓиевски.
На јавноста, потенцираше Ѓорѓиевски, одамна ѝ е јасно дека СЈО работи единствено како алатка на СДСМ за политичка пресметка со неговите политички неистомисленици, а посочу дека сега се забележува и нова улога на ова обвинителство кога се прави обид директно да се влијае врз изборите.
„СДС и СЈО сметаат дека ќе имаат вечна власт и ќе бидат доволно моќни и недопирливи за да можат да ги спроведуваат политиките во кои Заев ги продава највисоките државни и национални интереси. Зоран Заев и СДС нема да владеат долго. Правната држава ќе се врати и согласно закон, секој ќе си одговара за несоодветното, нелегално и непрофесионално работење. Граѓаните на Република Македонија нема да потклекнат на притисоците и нема да дозволат да продолжи безобразното и антидржавно владеење на СДС. Зоран Заев и СДС ќе сносат политичка одговорност и на локалните избори ќе ги стигне казната од граѓаните“, заклучи Ѓорѓиевски.