Ѓорѓиевски: Судот подлегна на притисоците од власта на СДСМ

Апелациониот суд подлегна на притисоците на СДСМ и на нивните поддржувачи и ги отфрли издржани аргументи на одбраната за укинување на мерките на претпазливост само за да изгледа дека одлуката е на средина, односно да не се замери со Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и власта за отфрлањето на нивните барања за притвор кои беа чисто политички, рече во вторникот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа одлука за одземање на пасошите се вклопува во сценариото на (премиерот и челник на СДСМ, Зоран) Заев за политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката воопшто не е балансирана, туку е на штета за ВМРО-ДПМНЕ и луѓето кои се цел на политички прогон“, истакна Ѓорѓиевски.

Посочи дека Заев е фатен со цврсти докази како изнудува поткуп, а судот наместо да ја спроведе правдата, беше јавно понижуван од страна на сегашниот премиер.

„Заев не го признаваше судот и неговите одлуки јавно кажувајќи дека нема намера да се јавува редовно на рочиштата. Заев наоѓаше милион банални причини само за да ги одложува рочиштата и да не се појавува. Измислуваше десетици средби со амбасадори и соработници на амбасади“, потсети Ѓорѓиевски.

Оцени дека доколку имало право и правда, немаше суд кој би му го вратил пасошот на Заев за дело како „Поткуп“ од 100.000 евра и затоа овој суд сега треба да одговори по која основа нему му е вратен пасошот, за разлика од одлуката на неговите политички противници да им бидат одземени патните исправи.

„СЈО под политичка палка на СДС гони стотина лица од ВМРО-ДПМНЕ. Никој од ВМРО-ДПМНЕ не ја опструира правдата затоа што нема ниту едно сторено кривично дело“, порача Ѓорѓиевски.

За него очигледни се двојните аршини во одлуките кои ги донесува Апелациониот суд. Односно, Заев за случај за барање поткуп со легално прибавени докази на очиглед на целата јавност фатен во криминал, непојавувајќи се на рочишта е сѐ уште на слобода, а на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ им се одземаат пасошите.

„Одлуката на судот е само гола политика, изоставајќи ги правните аргументи. Зоран Заев целиот притисок врз судството го прави за да се спаси себеси за криминалите во кои е заглавен и во исто време да го попречи ВМРО-ДПМНЕ да му застане на патот на неговата деструктрутивна и антидржавна политика“, смета Ѓорѓиевски.

Но и покрај политичките притисоци кои ги прави врз судот, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев нема да може да избегне од одговорот кој им го должи на граѓаните: „Одговорот на најважното прашање: Kога планира да го смени името на државата?“.