Македонскиот филм „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Митевска, по селекцијата во Берлин, успехот во Пула и неколку други филмски фестивали, влегува во трка за престижната награда „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламен. Ова беше соопштено на денешната прес конференција организирана од Европскиот Парламент. За прв пат во историјата на наградата „Лукс“ во трка е македонски филм, како сериозен конкурент за оваа награда.
„Радува фактот што македонската кинематографија годинава постигнува максимална видливост од нејзиното постоење до денес. Фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Санденс, Лос Анѓелес станаа секојдневен дострел на македонските филмаџии, а одмерувањето со најдобрите филски автори во Европа и во светот веќе дури не не изненадува. Новата стратегија за развој на филмската уметност, за неполни две години даде фантастични резултати. Честитки за селекцијата за наградите „Лукс“ и се надеваме контиунуитетот на афирмација на нашата филмска уметност нема да застане тука“, соопштува Агенцијата за филм на Република Македонија.
Проекцијата на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ организирана од наградите „Лукс“ ќе биде на престојниот филмски фестивал во Венеција.
Заедно со него се и филмовите „Кралство“ на Родриго Сорогојен (Шпанија, Франција) и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија).
Победникот ќе биде објавен на 27 ноември на формалното заседание на Европскиот парламент во Стразбур, во присуство на директорите.