ДЕМАНТ на колумна „Скандал – цариник од Битола незаконски е ангажиран на Универзитетот Мајка Тереза – Скопје, во соработка со ДПИ“, објавена на 10.07.2023 година, во НетПрес од Виш просветен инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски .
Почитувани,
Со овој демант, во целост ги отфрлам ноторните невистини и клевети кои се изнесени од Виш просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски, во колумната – Скандал – цариник од Битола незаконски е ангажиран на Универзитетот Мајка Тереза – Скопје, во соработка со ДПИ, објавена на 10.07.2023 година во Нет Прес, од следните причини:
– Постапката по конкурсот согласно член 172 точка 6 од Законот за високо образование, Сл.весник 82 од 08.05.2018 година, може да трае најмногу 6 (шест) месеци, од денот на објавувањето, а во конкретниот случај Универзитетот Мајка Тереза објави конкурс на 31.01.2023 година, што значи дека рокот од 6 (шест) месеци се’ уште трае. Согласно член 172 точка 7 од Законот за високо образование Сл.весник 82 од 08.05.2018 година, рокот од точка 6 на овој закон не тече во периодот од 15 јули до 25 август во календарската година. Што значи дека постапката по конкурсот не може да биди запрена во овој момент и да се распише нов конкурс .
-Согласно член 181 од Законот за високо образование, Сл.весник 82 од 08.05.2018 година, Афирмирани научници, уметници и стручњаци од практика, без оглед на исполнетоста на условите утврдени од овој закон за избор во звање, како специјалисти и експерти, по покана може да изведуваат настава за одделни делови од наставен предмет, во обем и според условите определени со статутот на високообразовната установа, што е случај и овде со Универзитетот Мајка Тереза – Скопје. Ова дотолку повеќе што согласно член 164 став 1 точка 3 од Законот за високо образование, Сл.весник 82 од 08.05.2018 година, како еден од критериумите за избор во звања се и резултатите и искуството во наставната дејност и подготвување на наставен и научно истражувачки подмладок, што дирекно упатува на неопходноста од претходно ангажирање на кандидатот во научно-наставна дејност, пред изборот во наставно-научно звање .
Исто така и во член 166 став 1 точка 5 од Законот за високо образование, Сл.весник 82 од 08.05.2018 година, Општи услови за избор во наставно-научно звање е наведено дека во наставно-научно звање, Доцент може да биде избрано лице, кое има способност за изведување високообразовна дејност, што никако не може да се стекне без претходно изведување на настава.
Следствено на горенаведееното јас на Универзитетот Мајка Тереза, на Факултетот за технички науки, на насока Царина, шпедиција и осигурување, без никакви законски пречки и со целосно исполнување на условите, сум ангажиран како стручњак од пракса, за што ги исполнувам сите критериуми, при што ги имам следните образовни квалификации и тоа:
Додипломски студии завршив на на ФТУ Охрид на насоката царина и шпедиција каде и дипломирав во март 2000 година со просечна оценка на генерација 8,96 и тема на Дипломската работа ,,Структурните промени на стопанството на Р Македонија„ при што се стекнав со стручен назив
Дипломиран менаџер по царина и шпедиција
Последипломските студии ги продолжив на Економски факултет Скопје, на насоката Надворешен промет, каде магистрирав во 2004 година со највисока просечна оценка на генерација 9,44 на тема „Еднообразност на испорачаната стока според договорените услови во меѓународната купопродажба„ и се стекнав со стручен назив:
Магистер на економски науки од областа на Надворешен промет
На последипломските студии имам изготвено претпристапен труд „Стратегии за експанзија на извозот на Република Северна Македонија“
Докторирав на ФТУ Охрид на насоката царина и шпедиција на тема „Царинска заштита на земјоделско прехранбениот сектор во Република Северна Македонија„ во 2018 година, при што се стекнав со стручен назив:
Доктор на науки од областа на царина и шпедиција
На Правен факултет Кичево – дисперзирани студии Битола, како втор факултет, дипломирав на 28.06.2022 година со просечна оценка 9,03 и тема на дипломската работа „Уставните суд во третирањето на правата на работникот“ при што се стекнав со стручен назив :
Дипломиран правник
Исто така на Правен факултет Кичево – дисперзирани студии Битола, завршив и втори последипломските студии, каде магистрирав на 06.07.2022 година со највисока просечна оценка на генерација 10,00 на тема „Казнени дела против фискалните приходи на државата со посебен осврт на царинските инкриминации“, при што се стекнав со стручен назив:
„Магистер на правни науки, од областа на Казнено право и криминологија“ односно завршив Правни студии според Болоњската декларација со 300 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС).
Професионално искуство
Во моето 16 (шеснаесет) години работно искуство во Царинска управа, имам дадено значителен придонес во работењето на Царинската управа, преку постигнување значителни резултати, исто така имам придонесено за квалитетно, навремено, совесно, стручно и законито извршување на работните задачи.
Поседувам и поголем број на Сертификати и Дипломи:
Сертификат за завршен курс за управување со гранична контрола од EXBS
Сертификат за завршен семинар на тема “Правните аспекто на поддшката на вооружените сили и цивилни институции”.
Диплома за завршен V (петти) степен англиски јазик
Диплома за познавање на компјутерски програми на канцелариско работење: Microsoft windows, Microsoft word и Microsoft excel .
-За мојата ангажираност на Универзитетот Мајка Тереза – Скопје, поседувам и Одобрение бр.04-048361/22-0002, од Царинска управа на Република Северна Македонија, каде сум вработен со полно работно време, а согласно Законот за работни односи и точка 7 од Насоката за постигнување и определување на работите кои се во судир со службената должност на царинските службеници.
-За оценување на студентите и впишување на оценките во индекс, Наставно-научниот совет на Факултетот за технички науки при Универзтетот Мајка Тереза – Скопје, има формирано комисија.
-Во поглед на наводите во колумната дека ректорот на Универзтетот Мајка Тереза – Скопје, го крие моето име, под целосна матријална, морална и кривична одговорност трврдам, дека Ректорот на Универзтетот Мајка Тереза – Скопје, имам остварено само еден состанок, кога бев повикан на интервју пред да бидам ангажиран на Факултетот за технички науки, на насока Царина, шпедиција и осигурување на Универзтетот Мајка Тереза – Скопје, што значи дека и овие обнинувања целосно и ги отфрлам како нотарна невистина.
Имајќи во предвид се’ горенаведено, во целост ги отфрлам, како нотарна невистина обвинувањата и клеветите од Виш инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски во Колумната – Скандал – цариник од Битола незаконски е ангажиран на Универзитетот Мајка Тереза – Скопје, во соработка со ДПИ, објавена на 10.07.2023 година во НетПрес.
Поради се’ горенаведено барам Вишиот просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски јавно да ми се извини за ноторните невистини, изнесени во колумната – Скандал – цариник од Битола незаконски е ангажиран на Универзитетот Мајка Тереза – Скопје, во соработка со ДПИ.
Битола, 14.07.2023
д-р Љубе Никлески