Тим од Универзитетската клиника за очни болести предводена од асистент доктор Христијан Дума ги изведе првите три операции на катаракта на око во болницата во Гостивар.
Воведувањето на овој тип на операции во иднина ќе ги намали времето на чекање и трошоците, со оглед дека поголем дел од пациентите беа пренасочувани кон други центри. Политиката на Министерството е да се дисперзираат повеќе услуги кон внатрешноста. Се надевам дека во соработка со Очната клиника во Скопје, овие операции ќе се изведуваат со позачестена динамика, изјави државниот секретар во Министерството за здравство Насуф Ипчја, кој денеска ја посети болницата во Гостивар.
Според директорот на болницата Илбер Адеми, ваквите интервенции засега ќе се изведуваат два пати месечно, а во скоро време на локално ниво ќе бидат формирани тимови кои ќе работат самостојно.
Директорот на Очната клиника во Скопје, Илијаз Исмаили искажа задоволство од соработката со гостиварската болница. Тој најави дека наскоро ќе се започне и со дијагностицирање на дијабетична ретинопатија и други проблеми што се однесуваат на ретината.
Од болницата во Гостивар информираат дека има листа од над 100 пациенти кои во следниот период ќе бидат ставени на програмата за операции.