Говедско месо заразено со антракс во Унгарија

Говедско месо заразено со смртоносниот антраксе е отркиено во источна Унгарија, а петмина се сместени во болница и се под лекарска контрола под сомнение дека се заболени, соопшти денеска Унгарската национална служба за јавно здравје.

Антраксот, според Националната  здравствена служба на Унгарија, е откриен во смрзнато говедско месо, откако стоката нелегално е заклана и обработена на фарма во градот Тисафуред, кој, од Будимпешта е оддалечен 160 километри.

Антраксот е сериозно заболување предизвикано од бактеријата која формира спори „Bacillus anthracis“. Иако антраксот претежно ја афектира само домашната стока и дивите животни, луѓето можат да се инфицираат преку директен и индиректен контакт со заразените животни.

Генерално, антраксот не се пренесува од човек на човек, но во ретки случаи, кожните лезии што ги предизвикува оваа бактерија можат да ја пренесат заразата. Најчесто, антраксната бактерија навлегува во телото преку рана на кожата. Исто така, човекот може да се зарази преку консумирање на контаминирано месо или со инхалирање на спорите од антраксот.