Граѓаните ја избраа Аеродром за „највело општина“

На Општина Аеродром ѝ беше доделена награда „Највело општина“ избрана од граѓаните на јавна анкета која ја спроведоа Здружението на граѓани „Центар за одржливи иницијативи“ и неформалната групата ентузијасти „НаТочак“.

„Оваа награда е потврда на заложбите на Општина Аеродром за подобрување и унапредување на мобилноста на локално ниво, но и поттик да се работи и понатаму во делот на велосипедската инфраструктура. Целта на наградата е преку позитивен пример да влијае на зголемување на заложбите на локалната самоуправа за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција“, се наведува во соопштението од Општината.

Општина Аеродром истакнува дека останува посветена на промоција на урбаната мобилност и здравиот начин на живот. Во следниот период продолжуваат активностите за прифаќање на новите еколошки и инфраструктурни предизвици, но и конкретните активности за вклучување во климатските акции кои ќе придонесат за почиста општина и позелено опкружување.