Граѓаните добиваат лажни мејлови, МВР апелира: Никако не споделувајте лични и банкарски податоци!

Хибридните закани станаа модерен начин на криминални дејства. На многу граѓани во електронската пошта им се испратени лажни известувања дека се осомничени за разни кривични дела кои всушност не ги сториле. Најголем дел од злосторствата за кои се обвинети се детска порнографија, сајберпорнографија, педофилија и слично. Овие пораки се испратени во име на директорот на Бирото за Јавна Безбедност, Сашо Тасевски, а во испратените пораки тој е претставен како директор на бригадата за заштита на децата.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски ги предупредува граѓаните да не паѓаат на овие измами и да не ги споделуваа своите лични и банкарски податоци.
Ангеловски вели дека за ситуацијата е известено ЈО и дека се работи во расчистување на ваквата појава.
Лицата кои стојат зад овие закани ги известуваат граѓаните дека доколку не се појават во рок од 72 часа за нив ќе издадат наредба за апсење и ќе бидат запишани во регистарот на сексуални престапници и нивните досиеја ќе бидат објавени на различни телевизии.
Вакви закани имаше минатата недела и во име на Управата за јавни приходи, во кои се бараше потврда на лични податоци и банкарските податоци. Ангеловски најави дека оваа измама е кривично дело сама по себе и дека се работи на случајот.