Граѓаните во ЕУ ќе собираат потписи за замрзнување на европските фондови за корумпираните земји

Европската комисија во средата ја одобри европската граѓанска иницијатива „Во корен да ја сосечеме корупцијата во Европа со запирање на финансирањата за земјите со неефикасно судство по истекот на рокот“, со што може да започне собирањето на потребните милион потписи, кои мора да се соберат во најмалку седум земји членки на Европската унија.

Европската граѓанска иницијатива е воведена со Лисабонскиот договор и е покрената во април 2012 година со стапувањето на сила на уредбата на граѓанска иницијатива, со која се спроведуваат одредбите од Договорот.

Европската граѓанска иницијатива прво мора да ја одобри Европската комисија, при што не влегува во меритумот на иницијативата туку само ја оценува нејзината правна дозволеност. Потоа се стекнуваат услови за собирање на потписите. Потребно е да се соберат најмалку милион потписи од најмалку седум земји членки. Доколку тие услови се исполнети, ЕК е должна да ја анализира иницијативата и да одговори на нив. Притоа може да одлучи дека ќе постапи по барањето од иницијативата или тоа да го одби, а во секоја случај својата одлука мора да ја образложи.

Организаторите на иницијатива „Во корен да ја сосечеме корупцијата во Европа со запирање на финансирањата за земјите со неефикасно судство по истекот на рокот“ ја повикуваа ЕК „да одреди цврст рок од 10 години по пристапувањето на Европската унија по кој би се вовел автоматски мораториум на исплата на новите членки од структурните и кохезиските фондови сѐ додека не се укине механизмот за следење на нивните судства“.

Организаторите истакнуваат и дека „сегашниот правен систем на ЕУ дозволува неисправно толкување. Во одредени услови корумпираноста на политичките елити во емјите кои неодамна пристапија може да оди во прилог на другите земји во Унијата, а релативниот поим ‘привремено’ може да се протега во недоглед. Со одредувањето на строга временска рамка се отстранува директната и посредната мотивација за корупција во државите членки на ЕУ“.

Од новите земји членки, единствено за Бугарија и за Романија постои механизмот за следење на правосудствата во овие земји.

Врз основа на Договорот за ЕУ, Европската комисија може да преземе правни мерки кога станува збор за финансиските правила кои се однесуваат на буџетот на ЕУ. Комисијата, оттаму, смета дека иницијативата е правно дозволива и одлучи да ја регистрира на 12-ти септември 2019 година, со што ќе започне едногодишниот процес во кој организаторите ќе ги собираат потпистите, се наведува во соопштението на ЕК.

Покрај оваа иницијатива, ЕК одлучила да регистрира уште две иницијативи а една одбила, бидејќи сметала дека е правно недозволива. Одобрени се иницијативите „Да ги решиме климатските кризи“ и „Да ги спасиме пчелите и земјоделците! Во насока на земјоделието кое е погодно за пчелите и здравата околина“. Иницијативата под насловот „Осигурување на усогласеноста на заедничката трговска политика со Договорите за ЕУ и меѓународното право“ не е доволена, бидејќи дејствувањето кое се бара низ неа очигледно излегува надвор од рамките на овластувањата на ЕК врз основа на Договорот за ЕУ.