Денеска на заедничка прес конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнитениот заменик министер Митко Бојмацалиев во присуство на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и помошник министерот за односи со јавност Тони Ангеловски, оценија дека денешниот изборен ден во кој граѓаните гласаа за избор на Претседател на државата помина во мирна, безбедна и демократска атмосфера, онака како што доликува на демократска земја која се стреми да биде дел од современиот западен свет.
Во прилог интегралните изјави од министерот Тошковски и дополнителниот заменик министер Бојмацалиев.
Министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјава:
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите.
Најпрвин, со задоволство сакам да констатирам дека денешниот изборен ден во кој граѓаните гласаа за избор на Претседател на државата помина во безбедна, мирна и демократска атмосфера, онака како што доликува на демократска земја која се стреми да биде дел од современиот западен свет.
Без сомневање, мирните и безбедни избори се резултат на добрата соработка помеѓу полицијата, државната изборна комисија и сите други чинители кои беа вклучени во спроведувањето на овој изборен процес кој помина без пречки и поголеми инциденти. Во тој контекст сакам да изразам благодарност до полициските службеници кои со својата посветеност и професионализам придонесоа за одржување на безбедноста на избирачките места и соодветно постапуваа онаму каде што беа евидентирани изборни нерегуларности.
Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на поинклузивно општество.
Имајќи ги предвид информациите кои ги добив од надлежните аналитички служби во МВР, во текот на денешниот ден евидентирани се повеќе настани кои се однесуваат на фотографирање на гласачко ливче, пријави за агитирање на гласачко место и други незначителни нерегуларности, но не се евидентирани посериозни инциденти насочени кон нарушување на регуларноста на изборниот процес.
Во таа насока би сакал да ја информирам јавноста дека во текот на денешниот ден:
– На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачко ливче
– 2 случаи на кинење на гласачкото ливче
– 6 пријави за нудење поткуп
– 15 пријави за агитирање
– на подрачје на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на Претседателот на Избирачки одбор.
– Врз основа на претходно поднесени пријави, од страна на МВР констатирани се 6 прекршоци по чл.190 од Изборниот Законик, а ќе бидат поднесени и 2 кривични пријави, една за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето“ по член 163 од КЗ и една за „Повреда на избирачко право“ предвидено и казниво согласно член 159 од КЗ.
– на подрачје на СВР Охрид пријавено е јавно гласање пред Комисијата и на подрачје на СВР Тетово пријавен е настан за упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
– На подрачје на СВР Куманово гласачките места 1100 во с.Умин Дол и 1075 во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ беа затворени, а избирачкиот материјал е вратен до канцеларијата на ОИК.
– На подрачје на СВР Струмица, лице при гласање на набљудувач го покажало гласачкото ливче.
На крај, дозволете ми уште еднаш да изразам благодарност до сите чинители кои придонесоа денеска да имаме успешни, безбедни, мирни и демократски избори на кои граѓаните слободно го остварија своето право на глас.
Дополнителен заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев изјава:
Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Дозволете ми на почетокот да изразам задоволство од тоа како помина денешниот изборен ден, од првиот круг на Претседателските избори 2024 година – во мирна, фер и демократска атмосфера. Во оваа прилика упатувам искрени честитки до сите граѓани кои и овој пат ја искажаа својата слободната волја на избор и гласање по сопствено убедување, почитувајќи ја демократијата и демократскиот изборен процес како дел од европските вредности кон кои секојдневно се стремиме.
Денешниов изборен ден, граѓаните на дело го покажаа партнерскиот однос со македонската полиција, нешто на што активно работевме изминатиов период, сфаќајќи дека поддршката од секого е драгоцена кога имаме заедничка цел – фер и демократски изборен процес во кој ќе бидат зачувани законитоста, безбедноста, јавниот ред и мир.
Во текот на денешниот ден не се регистрирани посериозни инциденти и поголеми нарушувања на изборниот процес и јавниот ред и мир во текот на првиот круг од гласањето, земајќи ги предвид досега пријавените случаи во МВР.
Со задоволство можам да констатирам дека денеска Министерството за внатрешни работи, како еден од клучните носители за успешно спроведување на изборниот процес беше на висина на задачата во делот на надлежностите предвидени со Изборниот законик.МВР максимално подготвено одговори на предизвиците околу безбедноста на првиот круг од Претседателските избори 2024 година за што би сакал да упатам благодарност до сите припадници на полицијата за извршување на работните задачи на највисоко професионално ниво.
Во оваа прилика би сакал да упатам посебна, лична благодарност до медиумите, до вас новинарите, за соработката и за квалитетот на односите што ги градевме изминатиов период, а кој се засноваше на веќе воспоставениот партнерски однос кој секојдневно го јакнеме.