Советот на Европската унија во четвртокот го договори ставот за укинување на визите за граѓаните на Косово, а уште се чека потврдата од Европскиот парламент за одлуката да биде конечна.
„Косово вложи големи напори за подобрување на својата безбедност, управување со миграцијата и усогласување со визната политика на ЕУ“, рече шведската министерка за миграција Марија Малмер.
Косово е последната земја од западен Балкан на чии граѓани сè уште им се потребни визи за влез во ЕУ.
Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ во четврток во прво читање ја одобрија одлуката за укинување на визите, а сега останува потврдата од Европскиот парламент.
Одлуката ќе стапи на сила кога ќе стапи на сила новиот систем за информации и овластувања за патување без визи на ЕУ (ETIAS), или најдоцна на 1-ви јануари 2024 година.
Првично беше планирано примената на системот ETIAS да започне на 1-ви јануари годинава, потоа беше кажано за мај годинава, а според последните информации ќе започне на 1-ви ноември 2023 година.
ETIAS е систем за регистрација за патници кои влегуваат во ЕУ на кои не им е потребна виза за влез. Граѓаните на овие земји ќе треба да поднесат барање преку веб-страницата или преку мобилна апликација и да платат такса од седум евра пред да патуваат во ЕУ. Одобрението ќе важи три години или до истекот на патната исправа.
Граѓаните на Косово ќе можат, како и другите граѓани на земјите од западен Балкан, да патуваат во ЕУ без виза и да престојуваат до 90 дена во кој било период од 180 дена.