Граѓаните на Македонија пијат увозно млеко, вели Трипуновски, бидејќи власта го уништи сточарството со лошите земјоделски политики

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска е на теренски посети во велешкиот регион каде што оствари повеќе средби со земјоделците од овој крај.

-Една информација која што ја отсликува реалната ситуација во која што се наоѓа сточарството во Република Македонија е фактот дека Македонија е се повеќе увозно зависна од млеко. Само за споредба ако во 2016 година сме имале над 132.000 молзни крави, таа бројка во 2022 година изнесува некаде помалку од 97.000 што е сериозно намалување на молзни крави, изјави Трипуновски.

Трипуновски дополни дека во 2016 година се произведувале околу 403 милиони литри млеко, а во 2022 година таа бројка била под 300 милиони литри млеко и ова говори за лошата состојба во сточарството во Република Македонија.

-Причините за оваа лоша ситуација се лошите политики на Власта, задоцнетите мерки кои што немаат никаков ефект и само се намалува сточниот фонд во Република Македонија. Сведоци сме дека земјоделците ширум Република Македонија постојано се жалат за задоцнети субвенции за литар млеко, задоцнети субвенции за грло, немањето на огласи наменски земјоделско земјиште наменети точно за сточарите и сите оние мерки кои што дозволуваат трговците се повеќе да увезуваат млеко, додаде Трипуновски.

„Она што сакам да го упатам како апел до сите сточари во Република Македонија е дека за неколку месеци од сега доаѓаат сериозни политичари, сериозна Влада која што преку конкретни мерки и проекти ќе покаже и ќе докаже како се води грижа за македонските земјоделци“- рече Трипуновски.