Граѓаните не добиле ниту денар од повратот на ДДВ, и од редовниот и од шопингот во „Викенд без ДДВ“

Повратот на данокот од сметките направени во таканаречениот „Викенд без ДДВ“ доцни. Иако парите од данокот за купените производи од 10 до 12 октомври требаше да се исплатат до крајот на октомври, поточно 15 дена по скенирањето на сметката, пари нема.

Сметките на граѓаните засега се пократки и за редвниот поврат на дел од данокот од скенираните сметки во третото тромесечје.

Од Управата за јавни приходи велат дека Собранието прво треба да го усвои ребалансот на буџетот за 2020.

-Станува збор за мерка од четвртиот пакет и за тоа прво мора да биде изгласан ребалансот на буџетот во Собранието. Очекуваме тоа да се случи до крајот на неделата. Штом тоа биде изгласано во Собранието, ние можеме да ја направиме исплатата за еден ден, кажаа од УЈП пред неколку дена.

Продолжението на седницата на која се расправата по ребалансот на Буџетот е закажана за денеска напладне. Расправата по ребалансот почна вчера, а согласно Деловникот може да трае најмногу пет дена.

Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ.

Иако за време на продлжениот викенд се очекуваше граѓаните да потрошат околу 170 милиони евра, беа потрошени едвај 10 милиони евра. Според податоците од УЈП, Во „Викендот без ДДВ“ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 денари, односно 17 пати помалку од очкуваните резултати.

Иако по завршувањето на викендот од УЈП изјавија дека резултатите од оваа мерка се повеќе од успешни, засега не е предидено да има уште еден ваков викенд.