Граѓаните згрозени од „Анима Мунди“, сите во одбрана на сточарот

Организацијата за заштита на животни „Анима Мунди“ сензационалистички објави видео во кое сточар од пехчевско наводно „малтретира“ домашно животно, а да се покаже ажурноста на институциите, тој експресно е повикан на распит во полиција.

Брзата реакција не изостана и од министерот Љупчо Николовски и од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои го осудија однесувањето на традиционалниот адет кој сточарите во овој дел од Македонија го практикуваат при продажба на животните.

Обвинувањата на „повиканите“ од Невладината одеднаш станаа толку примарни за општествово, па сточарот и инспекторот кој приватно присуствувал на овaa традиционална прослава, се најдоа под закана на санкции. А, лицата кои се носители на критиката за наводното изживување на животното, повеќе од сигурно не може да му држат лекции на сточарот кога станува збор за љубов и третман кон неговите животни кои ги чува.

И додека „Анима Мунди“ се заканува дека ќе бараат од Агенцијата за храна и ветеринарство да го отпуштат од работа инспекторот, а се бара и казна за сточарот, јавноста на социјалните мрежи е згрозена од активноста на Организацијата за заштита на животните. Но, ова не е ни прв случај кога граѓаните гласно ја критикуваат и осудуваат работата на „Анима Мунди“.

Ова се само дел од коменатрите  со јавна поддршка за сточарот:

„Анима Мунди нека почне да се се занимава најпрвин со проучување на спознавање на разлика што е домашен миленик, а што домашно животно, за да може да продолжи со работата за која е регистрирана. Се’ додека кучиња скитници шетаат по улици, напаѓаат и настрадуваат случајни минувачи од кои и ДЕЦА, а притоа Анима мунди не ја презема одговорноста, така и сега во овој случај нема право да се меша, нема право да обвинува или да дава свои заклучоци… Крај на краиштата кога сите од здружението Анима мунди ќе го објаснат процесот на консумирање храна во кое е вклучено и месото, и ќе објаснат на кој начин тоа месо пристига во нивните домови на нивните трпезариски маси, а кои истото месо тие самите го консумираат, тогаш можат и да обвинуваат“.

„Овие од Анима мунди, од животни се разбираат, само ако се нацртани на хартија, лапаат ’невладини пари’ ги ’сакаат животните’, а никогаш не стапнале во штала, а бре оставете ги луѓето, тие малку што ја работат оваа тешка работа да уживаат во она што им преставува задоволство“.

„Човек кој од мали нозе се грижи храни и одгледува стока, во случајов овци и јагниња, и од тоа живее цела негова фамилија и во својот дом си ја негува традицијата од дедо, прадедо сега некои кои виделе јагне или овца во зоолошка, ќе решаваат за неговиот живот и животот на неговата фамилија, срамно и ниско е ова што се прави со трудољубивост човек, сега овие што се сликаат и што бранат демек некакви ’права на животните’ нека влезат во трлото и нека се погрижат за овците и јагнињата, нека ги нахранат и нека им ги соберат брбушките“.

„Анима Мунди знае само да влече евра од невладините и да кажува приказни, а не да си ги собере скитниците кучиња по градовите и селата“.

„Луѓето ни умираат во болниците како стока, во никакви хумани услови и никој не му е грижа за луѓето, а тука глумат дека могу се грижат за животните, а јадат човечко месо“.

„На Анима Мунди им порачувам да видат како се стрижат овци, дали со врзани нозе?“.

Сточарот Александар Мачевски вели дека здружението со објавата на видео снимката на својот фејсбук профил и обвинувањето  дека намерно малтретираат животно, го загрозил угледот на снеговото семејство, кое со сточарство се занимава од 2006 година.

– Од 2006 година до ден денеска, јас кога ги продавам јагнињата како традиција организирам прослава. Таа традиција продолжи и во петокот кога ги продадов јагнињата за што ги поканив луѓето кои ми помогнаа да ги товарам јагнињата за продажба. Лично беше поканет како роднина и инспекторот, за да се почестиме што успешно ги продадовме јагнињата. Како дел од традицијата на крајот се свири песната „Изгубено јагне”, татко ми го зема јагнето од шталата го носи врзано на масата, се свири песната, завршува песната и јагнето се враќа во шталата и толку тоа трае адетот 2 минути. И потоа почнаа критики видеото го објави Анима Мунди, презедоа многу портали и имаше многу навреди, вели Мачевски.

Со сточарство од ова семејство се занимаваат 10 луѓе кои многу се повредени, со како што вели погрдни зборови кои биле кажани после објавата на Анима Мунди.

– Јас ќе покренам постапка и друга личност од Берово која сама ќе се препознае што ме нарекува „простак” и слично. Години и години ја чувам стоката, јас ако не ја „чувам” стоката, нека дојдат тие од Скопје што навредуваат да видат како се чува стока. Имам поддршка од цела Малешевија и сум на план да закажеме мирен штрајк овде во Малешевијата, а имам поддршка и од сточари од Виница и други краеви. ако ми се нанесе штета после ова ќе продолжиме ќе штрајкуваме ако треба и пред Владата, додава Мачевски.

Ако биде обвинет вели дека ќе ги подмири трошоците, но со ова според него се уништува сточарството и сакаат да им наштетат на чесните семејства.

– На Анима Мунди им порачувам да видат како се стрижат овци, дали со врзани нозе.. Пример на 20 мај јас ќе ги стрижам овците, и ако ги врзам овците ќе ме слика некој и ќе речат малтретирање на животно. Не е тоа малтретирање на животно, лично јас имав повреда од животно мене никој не ме заштити. Јас сум љубител на стоката, ќе работам со стоката и секогаш ќе останам на тоа, но со тие критики не, додава Мачевски.

Доколку биде обвинет за како што вели нешто што се практикувало со години и е дел од Малешевската традиција, Мачевски е на план со семејството да се исели од државата, а стоката да ја подари на државата.

Погледнете го видеото: