Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во пресрет на средбата со рускиот претседател Владимир Путин закажана за средата во Сочи, изјави дека Загреб би можел да биде посредник меѓу НАТО и Русија.
„Верувам дека Хрватска може да биде посредник во соработката меѓу Русија, ЕУ и НАТО, организации на кои сме членки, кои ги поддржуваат нашите заеднички вредности, а во кои ние силно веруваме. Сепак, невозможно е да се впуштиме во решавање на бројните прашања на глобално ниво без дијалог со Руската Федерација. Поради тоа, секогаш, во сите недоразбирања поддржувам дијалог“, изјави хрватската претседателка во интервју за агенцијата ТАСС.
Истакнува притоа дека од клучна важност е да се обнови дијалогот меѓу Русија и Западот.
„Сметам дека дијалогот е клучен. Русија и НАТО се клучни фактори на европската стабилност и безбедност. Дијалогот треба да биде зачуван и отворен. Треба да постои доверба“, вели Грабар-Китаровиќ.
„Какво и да е влошување на односите меѓу НАТО и Русија ќе има директни последици на сите аспекти на европската безбедност и стабилност“, заклучува хрватската челничка и додава ѝ е драго што ќе патува во Сочи каде ќе се сретне со Путин и оти очекува со него да разговара за широк спектар на прашања.