Грабар-Китаровиќ: Словенија го загрози меѓународното право

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ застана зад премиерот Андреј Пленковиќ, чиј говор за арбитражата со Словенија во ОН, доведе до откажување на посетата на словенечкиот премиер на Загреб.

Во интервју за „Јутарњи лист“, Грабар – Китаровиќ оцени дека Словенија со компромитирањето на арбитражната постапка, всушност го „загрозила меѓународното право“.

Таа оцени дека Словенија и Хрватска се две пријателски земји и оти тоа единствено спорно прашање не треба да се става во центарот на меѓусебните односи, пренесува Хина.

Според неа, околу арбитражата, во Хрватска постои „национален консензус“, а таа е „неповратно компромитирана“, поради што за хрватскиот политички врв „таа не постои“.

Пленковиќ, во четвртокот од говорницата на Генералното собрание на ОН истакна дека Хрватска морала да излезе од арбитражата за границата со Словенија, која официјална Љубљана ја „компромитирала“ и предупреди дека такво „непочитување на меѓународното право“ ги обесхрабрува останатите држави да ги решаваат споровите со помош на трета страна.

Словенечкиот премиер Миро церар ја откажа посетата на Загрен и на новинарите во Њујорк им рече дека Пленковиќ со своите коментари за арбитражниот процес со Словенија се „повлекол од тој процес“.