![grad-skopje](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/demant-na-grad-skopje-za-obvinuvanata-od-vmro-dpmne-za-izgradbata-na-bulevarot-asnom-i-mostot-na-rekata-vardar.jpg?resize=696%2C366&ssl=1)
Градот Скопје како град на солидарноста и како збратимен град со Загреб ќе испрати хуманитарна помош по големите земјотреси коишто деновиве го погодија главниот град на Хрватска и предизвикаа голема материјална штета.
Одлуката за хуманитарна помош, која е во износ од 50.000 евра, ја потпиша градоначалникот Петре Шилегов.
„Градоначалникот Шилегов телефонски разговараше со својот загрепски колега Бандиќ и, со оглед на околностите, затворените граници и вонредната состојба насекаде во светот, договорија помошта која вообичаено се состои од материјали и луѓе за помош при катастрофи, овојпат да биде симболична финансиска сума“, соопшти Градот.
Во понеделникот во утринските часови Загреб беше погоден од серија на земјотреси, во кои има починати и повредени лица, а предизвикана е и поголема материјална штета во која се евидентирани над 5.500 оштетени објекти.
Скопје и Загреб се збратимени градови од 2011 година и досега имаа соработка во областа на образованието, спортот, сообраќајот и културата.