Град Скопје и Арсовска бараат превозници и за линиите 9, 11 и 12

Град Скопје денеска објави нов оглас за доделување пакет линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во главниот град. Новиот оглас се однесува за линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се бараат најмалку 22 автобуси. Ова е втор оглас за приватни превозници што го распишува градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, откако ги раскина договорите со „Макекспрес“ и „Слобода превоз“.

Во претходниот оглас кој трае до 10 јануари се бараат превозници за линиите 20 и 22. Според денешниот оглас, на линијата 9 заеднички ќе возат автобусите на ЈСП и на новиот приватен превозник што ќе биде избран, додека линиите 11 и 12 ќе бидат опслужувани само од приватните превозници, што беше случај и досега.

Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетот лини и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас во висина од 20.000 денари.

Превозниците можат да се пријавуваат заклучно со 17 јануари 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи на 24 јануари во 9 часот во барака 13 во Град Скопје.

Пакетот на линии на избраните превозници ќе им се додели за период од две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Инаку, по неколкудневните блокади на повеќе крстосници во Скопје, приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ ги тргнаа автобусите од улиците на главниот град и очекуваат средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Блокадите ги спроведоа поради наводен долг од ЈСП и Град Скопје од околу 1,5 милион евра. Превозниците не се сретнаа со Арсовска, затоа што градоначалничката рече дека не преговара со некој што уценувал.