Град Скопје започна со субвенции за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни за социјално загрозените категории на граѓани

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување на поединечна субвенција на социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви за 2023 година.
Средствата што Град Скопје ги субвенционира се во висина од најмногу 50% од вредноста на инвестицијата.

Право на учество на Јавниот повик имаат социјално загрозени категории на граѓани, жители на градот Скопје, кои ќе ги заменат азбестните покриви со енергетско ефикасни покриви, ги исполнуваат условите од Јавниот повик и ја доставиле потребната документација.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавниот повик се исполнети, барателот е должен да поднесе пополнето барање, доказ дека припаѓа на една од социјално загрозените категории, нотарски заверена изјава, имотен лист, фотографија од постоечкиот азбестен покрив, договор со изведувач за замена на покривот, како и копија од трансакциска сметка.

Јавниот повик со сите услови и критериуми за аплицирање за субвенцијата, како и сите потребни документи кои треба да се достават со пријавата се достапни на линкот – https://skopje.gov.mk/media/9809/javen-povik-zamena-azbestni-krovovi-2023.pdf

Потребната документација, барателите ја поднесуваат до Комисијата преку Архивата на Град Скопје (барака 16) во затворен плик со назнака: До Сектор за заштита на животната средина– Комисија за доделување на субвенции за замена на азбестните покриви, секој работен ден од понеделник до петок, во период од 08:30 – 15:00 часот.

Јавниот повик ќе трае од денот на објавување до 31 август 2023 година или до исцрпување на средства предвидени за таа намена.