Град Скопје доделува 1.500 садници на урбаните месни заедници, куќни совети и образовни институции

Градот Скопје ја продолжува традиционалната пролетна акција за доделување садници на сите заинтересирани урбани месни заедници, куќни совети и образовни институции. Во оваа акција Градот ќе додели 1.500 листопадни и зимзелени садници.

Заинтересираните урбани месни заедници, куќни совети и образовни институции треба да поднесат барање за доделување садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82. Субјектите во барањето треба да го наведат видот на садниците што бараат да им се доделат, бројот и точната локација на којашто планираат да ги засадат дрвцата. На барањето треба да стои печат од куќниот совет, урбаната месна заедница или од образовната институција.

На куќните совети и образовните институции на коишто ќе им бидат одобрени барањата, во оваа акција ќе им се доделат  најмногу 10 , а на урбаните месни заедници по 15 садници.

Барањата за добивање садници до Секторот за комунални работи на Град Скопје може да се доставуваат од 28 март до 04 април 2014 година, а решенијата и садниците ќе може да ги подигнат од 07 до 11 април од ЈП „Паркови и зеленило“ во Градски парк или од расадникот во населба Бутел.

Акцијата на Град Скопје за доделување садници се организира веќе седум години во две етапи, односно напролет и наесен.