Спротивставените страни во битката за Водно прогласија примирје – барем во наредните три дена. За в понеделник е закажана нова дебата меѓу надлежните органи и активистите со цел конечно да се решат сите дилеми околу трасата. Дотогаш, целата механизација ќе биде ставена во мирување.
Град Скопје одлучи во понеделник во 13 часот во просториите на Советот на градот да организира дијалог и дебата на загрижените страни. На оваа дебата ги повикувам да присуствуваат претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот, како и претставниците на граѓанските здруженија кои ја покажаа загриженоста. Во меѓувреме сакам да ве известам дека градежните работи на Водно се стопирани.
За сите можни алтернативи и компромисни решенија се разговарало уште пред почетокот на градежните активности, вели Шилегов. Сепак, не се отстапува од идејата гасоводните цевки да минуваат низ Водно бидејќи тоа е најдобрата алтернатива.
Тие разговори во таа фаза повеќе се однесуваа токму на она што веќе јавноста знае дека го имаме издејствувано и како град и како здруженија на граѓани кои се однесуваа и на намалување на трасата, нејзино менување и скратување за четири километри, надомест на штета, целосна програма за ревитализација на Водно.
Повеќе активисти и граѓански здруженија деновиве се радикализираа и со жив штит го бранеа брдото на кое се наоѓа механизацијата за ископ на трасата. Пред два дена за влакно беше избегнат посериозен инцидент кога надлежно лице даде наредба на еден од багеристите да ги прегази активистите. Тие, пак, уште еднаш повторија дека ја поддржуваат гасификацијата, но се спротивставуваат на дрвната сеча.